ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

ДЗР изрази неповолно мислење за објективноста на финансиските извештаи на МТСП

Државниот завод за ревизија (ДЗР) изрази неповолно мислење во однос на вистинитоста и објективноста на финансиските извештаи на Министерството за труд и социјална политика (МТСП) и мислење со резерва во врска со усогласеноста на финансиските трансакции со релевантната законска регулатива за 2021 година.

Ваквото мислење на ДЗР следува по направената ревизија на финансиските извештаи во Министерството и ревизија на усогласеност на сметката со основниот буџет за 2021 година.

Според извештајот, како клучни утврдени состојби се наведуваат начинот на остварување на правата на парична помош од социјална заштита, распределбата на блок дотациите по општини. Потоа, начинот на избор, критериуми за избор, потребни квалификации, правото и висината на надоместокот на Комисиите, пописот на средствата, побарувањата и обврските со кои располага МТСП и нецелосно евидентирани материјални средства.

ДЗР препорачува воспоставување повремени контроли при носење на решение од страна центрите за социјална работа, да се уреди начинот на критериумите за избор, потребните квалификации, правото и висината на надоместокот на Комисиите и да се спроведе целосен попис и евидентирање на целокупната опрема која не е евидентирана.

Како клучни системски слабости, пак, се истакнуваат средствата остварени од приредувањето на игри на среќа и забавните игри кои Владата ги распределува врз основа на програма поднесена од страна на МТСП, како и непостоење на критериуми и начин на утврдување на висината за остварување на право на додаток на плата на ангажираноста на административниот кабинетски службеник.

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button