ДЗР: Недоволно ефикасни мерки и политики за соодветни услови за стипендирање, сместување и исхрана на студентите

Државата во 2022 година потрошила приближно 22 милиона 690 илјади евра за сместување, исхрана и стипендирање во високото образование. Од тие 22,6 милиони евра, 50 отсто се исплатени за студентки оброк, 40 отсто за стипендии, 17 отсто за сместување и исхрана, а 3 отсто за останати расходи.
Конечниот извештај на Државниот завод за ревизија утврдил дека мерките и политиките што ги презеле надлежните органи за студентскиот стандард се недоволно ефикасни за да се создадат соодветни услови за стипендирање, сместување и исхрана на студентите.
На презентација на Извештајот во Собранието, главниот државен ревизор Максим Ацевски рече дека се констатирани „поразителни бројки и состојба“ која, рече, „не упатува на услови што би требало да бидат хумани за живеење на нашите студенти“. Притоа, ниту студентските домови, ниту надлежното министерство, како што рече, немаат стратегија за утврдување пристап за постапување кон овој проблем.
-Сето ова укажува дека во суштина се одлеваат недоволно средства, но и во она што се одлева, има слабости во начинот на користење. Од 11,37 милиони евра кои се исплаќаат за студентски оброк или 50,2 отсто од вкупните расходи, се исплатуваат на начин кој не обезбедува целосно потврда дека средствата се исплатени навистина за оброк. Во 2022 година исплатата се вршела на трансакциските сметки на студентите кои тие средства можеле да ги користат за сосема друга намена, а не за намената што е утврдена. Преземени се мерки во 2023 и 2024 година, но се уште не е исполнето она што е законски начин на исплата на средствата, рече Ацевски на седница што денеска ја организираше собранискиот Клуб за младински прашања и политики.