ДЗР: Несоодветните услови во затворите и безбедносните ризици

Пренатрупаноста, недоволната инвестиција во инфраструктурата, нецелосно воспоставен видео надзор, недостатокот на медицински персонал и несоодветната техничка опременост влијаат негативно врз обезбедувањето хумани услови за лицата лишени од слобода. Дополнително, ограничената примена на пробациски мерки и недоволната постпенална поддршка ја намалуваат ефикасноста на ресоцијализацијата, додека нерегуларниот надзор ја доведува во прашање усогласеноста со препораките за подобрување на состојбите, се главните заклучоци од спроведената ревизија на успешност на тема „Реформа на пенитенцијарниот систем“ од страна на Државниот завод за ревизија (ДЗР).
Во ревизијата се нагласува дека недоволниот развој на пробацијата во правосудниот систем во насока на имплементирање на соодветни и одржливи мерки за реинтеграција на сторителите во заедницата на кои се извршуваат алтернативни мерки и недоволно изрекување на пробациски мерки од страна на надлежните органи неповолно влијае на остварување на основната цел на пробацијата и намалувањето на затворската популација.
-Со спроведената ревизија и применетата ревизорска методологија, прибраните ревизорски докази, стекнавме разумно уверување дека преземените активности од страна на надлежните институции не придонесуваат во целост за унапредување и хуманизирање на системот за извршување на санкции и реформи во пенитенцијарниот систем, велат од ДЗР.
Материјалните услови во одделни установи или одделенија при установите и пренатрупаноста, додаваат, не придонесуваат за обезбедување на хумани услови за сместување, предвидени во меѓународните стандарди од областа, почитување на личноста и достоинството на лицата лишени од слобода.
-Пролонгирањето на инвестицискиот период за изградба на објектите од Сегмент 2 во КПД Идризово во рамки на Проектот „Реконструкција на КПУ во Република Северна Македонија” започнат во 2010 година, пред се како резултат на необезбедените буџетски средства за реализација на проектот, но и ненавременото и нецелосно спроведување на забелешките и препораките на БРСЕ, не придонесува за зголемување на сместувачките капацитети и подобрување на условите, се посочува во ревизијата од ДЗР.