ДЗС: Внимателност од граѓаните, сушата може да предизвика пожари

Доколку не обезбеди дополнителни пилоти, Дирекцијата за заштита и спасување ризикува да остане без пилоти на авиони за гаснење пожари. Директорот Беким Максути вели дека во моментов има доволно пилоти, но дел од нив се пред пензија, а останатите не успеале да ја поминат обуката. Тој вели дека се работи за конкретни авиони и за ова се потребни млади кои имаат дозволи за летање, а кои потоа треба да бидат испратени на дополнителна обука.
„Последниот авион е тука, тестиран е, имаме ресурси, ги имаме и пилотите, но долгорочно како дирекција и како Влада ќе треба да преземеме дополнителни чекори за да обезбедиме дополнителни пилоти, бидејќи во моментов некои од пилотите се во години, некои се на прагот на пензија, а друг дел кои биле на обука не успеале да поминат”, рече Максути.
Максути ги повика граѓаните да бидат внимателни во претстојната сезона, подвлекувајќи дека поради недостаток на снег нè очекува многу сушен период што ја зголемува опасноста од пожари.
„Заштита и спасување не започнува само од институциите, заштитата и спасувањето започнува од секој поединец, граѓанин кој мора да има висока свест како да се однесува за време на топлите месеци и екстремните температури. Годинава знаеме дека немавме многу снег, се очекува летото да биде прилично суво, а во овој поглед свеста кај граѓаните треба да биде многу поголема од досега“, додава Максути.
Пред неколку месеци во земјава се врати и последното сервисирано летало и сега сите три авиони се достапни за гаснење пожар. Но, во отсуство на хангари, сервисираните авиони се под отворено небо.
Ајнур Бафќари