Еден месец по трагедијата во „Пулс“, приведени полициски службеници од Штип и Кочани

Актуелни, но и пензионирани инспектори, началници и командири од Штип и Кочани се меѓу десетте полициските службеници кои потпишувале документи и давале согласност дискотеката Пулс во Кочани да работи без да ги исполнува законските услови соопшти МВР. Иако знаеле дека не е така, полицајците свесно давале лажни официјални информации дека во кабарето немало нарушувања на јавниот ред и мир.
МВР:
Деветтопријавениот В.И. на 21.01.2022 изготвил телеграма во која наместо да даде точни и целосни податоци дека во кабаре „Пулс“ и во близина на истото кабаре има пријавени нарушувања на јавен ред и мир и пријавени кривични дела, истиот дал податоци само дека во кабарето, во 2021 година имало едно нарушување иако знаел дека има нарушувања на јавниот ред и мир и пријавени кривични дела во 2019 и 2020 година. Десеттопријавениот А.Т. иако знаел и бил должен да знае дека има повеќе пријавени нарушувања на јавниот ред и мир во близина на кабаре „Пулс“, истиот вака изготвената телеграма ја контролирал, одобрил и потпишал со своерачен потпис.
Со ваквото прикривање и лажирање на фактичката состојба, полициските службеници овозможиле кабарето да добие лиценца, без да бидат извршени сите потребни проверки.
МВР:
Пријавените како службени лица овозможиле правното лице „Класик ДМ“ ДООЕЛ Кочани да се стекне со лиценца за вршење на угостителска дејност – кабаре „Пулс“ во Кочани на начин што не постапиле според прописите за мерките за заштита и не извршиле целосна проверка пред да биде издадена позитивната согласност за издавање на лиценца за кабаре, со што предизвикале опасност за животот и телото на луѓето на место каде се собираат поголем број луѓе.
Сето ова, според МВР, резултираше со трагичниот пожар во кабарето пред точно еден месеци кога животот го загубија 61 лице. Од новопријавените десетмина полициски службеници пак, шестмина се лишени од слобода, по едно лице се трага, а тројца веќе се наоѓаат во притвор.
Михајло Донев