Една недела од трагедијата во Кочани, критични пет пациенти, продолжува истрагата

Од денеска ќе се исплаќа финансиската поддршка од собраните донации на семејствата на загинатите и повредените во пожарот во Кочани преку Црвениот крст, во износ од по 150 000 денари. Заклучно со 22 март собрани се 51.822.579 денари преку Црвениот крст од каде денеска ќе ги соопштат преземаните активности и начинот на исплатата.
Според последните информации од Министерството за здравство, од околу 200 повредени во трагедијата што се случи пред една недела, во критична состојба се пет од 115 лица кои се на лекување во странство. Во македонските болници сите 55 пациенти се во стабилна и добра состојба и се планира девет да бидат испишани на почеток на неделава, откако ќе им бидат направени сите токсиколошки и психолошки испитувања. Се очекуваат информации од натамошниот тек на истрагата во која засега се осомничени 34 лица, како и од најавените инспекциски контроли во објектите од јавен карактер низ државата, за што општините ќе се координираат преку Заедницата на единиците на локалната самоуправа.
Како што соопшти вчера министерот за здравство Арбен Таравари, подготвен е протокол според кој се очекува в среда или четврток да бидат пречекани првите пет пациенти кои што се лекуваат надвор од државата.