Едно лице е уапсено во врска со убиството од пред два дена во Тетово
Едно лице е уапсено во врска со убиството од пред два дена во Тетово

Министерството за внатрешни работи информира дека е приведено едно лице во врска со убиството на 5 јули во Тетово, каде од прострелни рани почина 39-годишниот Р.Т. Покрај тоа, полицијата извршила рации и на повеќе локации во селото Гајре, каде што пронашла и предмети кои би можеле да помогнат во расчистување на убиството.
„По издадени наредби од Основниот суд Тетово, извршени се рации на три локации во село Гајре од каде се подигнати предмети кои може да бидат корисни за расчистување на инцидентот, додека во Полициската станица во Тетово едно лице бил приведено на информативен разговор. Севкупните дејствија се преземаат во координација со надлежното Јавно обвинителство, додека во целиот случај од првиот момент се вклучени и службениците од Секторот за технички криминал“, велат од Министерство за внатрешни работи.
Од Обвинителството ден претходно информираа дека се работи на прибирање докази, меѓу другото и на прибирање снимки од безбедносните камери во објектите на населбата.
Вечерта на 5 јули, на улицата Штипска во Тетово, автомобил мерцедес кој бил во движење пукал кон автомобилот БМВ и беше убиен 39-годишниот тетовец.
Како што информираше Алсат, постои сомневање дека случајот е поврзан со настанот од пред неколку месеци кога имаше престрелка пред Итната помош во Тетово, на што и претходела вербална расправија пред тетовскиот суд. При овој вооружен инцидент на 11 јануари годинава беа повредени двајца браќа од тетовското село Гајре, од кои едниот подоцна почина.
Пукање имало и на 11 април, кога од автоматска пушка било пукано кон објект на улицата „Илиниден“./Алсат.мк
Суад Бајрами