Едно лице уапсено за убиство, ОЈО Скопје не открива детали

Едно лице во текот на вчерашниот ден е уапсено за кривичното дело убиство, но засега не се откриваат детали за апсењето, ниту за случајот или улогата на осомничениот. Нему му е одреден краткотраен притвор од 48 часа.
Неофицијално, апсењето е поврзано со двојното убиството во „Шиша бар“ во Старата скопска чаршија на 6 март годинава, а на нашето прашање за потврда на информацијата и за тоа на каков начин лицето е поврзано со настанот, од Основното јавно обвинителство (ОЈО Скопје) велат дека не можат да откриваат детали.
„Со оглед на тоа што во предметот во кој е определен краткотраен притвор за едно лице постои сериозна можност за компромитација на истрагата во оваа фаза, во интерес на тајноста на постапката не сме во можност да споделуваме никакви детали“, велат од ОЈО Скопје.
Од Основниот кривичен суд Скопје, пак, преку соопштение потврдија дека е определен 48-часовен притвор и оти лицето е осомничено за кривичното дело убиство.