Едвард Џозеф: Стратешки неуспех на ЕУ со Балканот

Во интервју за „Независен“, за време на Преспа форумот во Охрид, американскиот политичар и дипломат, Едвард Џозеф, изјави дека Европската унија со блокадата на Бугарија извршила предавство, ставајќи ги во нелагодна ситуација многумина од присутните. Како што оценува тој во интервјуто, главниот проблем на ЕУ се длабоките поделби во блокот.
„Ако ЕУ сака да биде сфатена сериозно, мора да го сфати Балканот сериозно. Ова е одличен пример за тоа што се случува во Европа. Јас зборував како Американец и реков: како би можеле ние да ја сфаќаме ЕУ сериозно, ако таа не го сфаќа сериозно Балканот. Ова е многу кратковидо и со недостаток на посветеност. ЕУ е поделена, тоа е проблемот. Тие не ги исполнуваат своите аспирациии да бидат унија. Унија значи унија, таа не се вика Европска заедница, туку Европска унија. Ако сакаш да бидеш унија тоа мораш да го докажеш“, вели меѓу другото Џозеф во интервјуто.
Едвард Џозеф е поврзан со Македонија уште од 2001 година за време на конфликтот кога беше известувач за нашата земја за Меѓународната кризна група и еден од спроведувачите на американската политика овде. Џозеф беше и еден од меѓународните актери во војната во Босна и Херцеговина во 1990-тите и еден од учесниците во повеќе рунди на српско-косовските преговори. Неговите оценки се слушаат внимателно во целиот регион. Сега предава на Школата за напредни меѓународни студии „Џон Хопкинс“.
Извор: Независен