Егзекуција во Ханиоти – пресметка на скопски кланови

Утрово околу 03:30 часот во Халкидики, Грција било пукано во двајца државјани на Северна Македонија. Како што јавуваат грчките медиуми, убиен е 39-годишниот Орхан Бајрами, познат по прекарот Оки, а сериозно е повреден неговиот пријател, 45-годишниот Сеад Слезовиќ, кој е префрлен во болница. Грчките медиуми го опишаа настанот како „егзекуција“. Според сведоците, маскираните напаѓачи влегле во апартаманот каде што престојувале лицата, и испукале повеќе од 20 куршуми. Настанот е официјално потврден и од Министерството за надворешни работи.
„По информацијата за убиството во Халкидики, Грција, Амбасадата на Република Северна Македонија во Атина контактираше со надлежните институции, поточно со полицијата во Солун, и оттаму беше потврдено дека во Сани Вилас на Ханиоти, две маскирани лица отвориле оган врз двајца државјани на Северна Македонија. Двајцата биле однесени во Општата болница Халкидики, каде едниот им подлегнал на повредите, а другиот, поради сериозноста на добиените рани, бил пренесен во друга болница, во Полигирос. Според Амбасадата, неколку грчки полициски тимови во моментов се на местото на настанот и работат на расчистување на околностите на настанот“, наведуваат од МНР.
Жртвата Орхан Бајрами-Оки е претставен како сопственик на казино и бил вклучен и во бизниси со трговија на пијалоци. Според дел од медиумите, убиството е дел од пресметка меѓу криминални групи. Повеќе години меѓу двата скопски кланови во подземјето има меѓусебни престрелки и напади во Скопје, но последните напади се случуваат надвор од државата. Пред еден месец, по вооружената престрелка во Косово, беше убиен Блерим Даци од Чаир. Претходно во Скопската чаршија, на 6 март годинава, беа убиени Јетон Кривањева – Жила, и Енес Исени. Ниту едно од овие убиства не е расчистено – не се откриени ниту убијците на Камер Идризи кој беше убиен во мај 2021, ниту убиството на неговиот брат Јонуз Идриз, во скопски Чаир. Претходно беше убиен Џелал Ајети кој беше застрелан во чајџилница во скопската чаршија и неговиот брат.
Не е расчистено ниту пукањето среде бел ден во хотелот Александар Палас во Скопје, во 2019 година кога пет маскирани лица пукаа во членовите на ривалската група.
Еви Шкопи