Еко-активисти: „Власта ја дефокусира јавноста со одземањето лиценци на фирми за мазут“

Обвинителството отвори предистрага за скандалот со мазутот. Обвинител во скопското обвинителство ги анализира владините извештаи, потврдуваат за Алсат од Обвинителството. Допрва ќе се лоцираат елементи за евентуално сторено кривично дело.
„Во ОЈО Скопје пристигнат е извештајот за којшто прашувате и веќе е распределен на јавен обвинител за преземање на понатамошни дејствија“, наведуваат од ОЈО Скопје.
Владата вчера вината ја префрли само кон компаниите увозници на мазутот, а Регулаторната комисија за енергетика отвори постапка за одземање на лиценците на дел од фирмите, но поради друга причина – немале складирано резерви со мазут. Според еколошките здруженија, ова е дефокусирање на јавноста. Нгадњим Мехмети од „Еко-герила вели дека одговорност мора да има и за институциите кои овозможиле отстапувања со мазутот. Според него, скандалот со увозот на прегорено масло како мазут, покажува потфрлање на системот.
„Фокусот треба да биде врз уништувањето на многуте човечки животи предизвикано од мазутот кој се употребувал било во болници, градинки, училишта или компании и големи фабрики, почнувајќи од Кавадарци каде се знае дека во последниот период има раѓања со сериозни аномалии, а смртноста е на високо ниво и во сите градови во државата. Фокусот треба да биде на кривично дело за загрозување на животот и здравјето на луѓето, а потоа да има и други процедури за компаниите кои не ги исполниле стандардите што ги бара законот“, рече Нгадњим Мехмети, Еко-герила.
Вчера седум фирми беа казнети со над 50.000 евра поради нелегален увоз, немање резерви, складирање и продажба на спорен мазут. Државниот пазарен инспекторат најави контроли и во други фирми од истата дејност.
Игор Стефановски