ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Еколошка трагедија во каналот Студенчишта, нафта во езерото

Некогашното живеалиште на охридската плашица, крап, но и други видови на риба, каналот Студенчишта во Охрид, често пати се случува да плива во нафта и масло. Тие истекуваат од бројните пловни објекти кои овде се паркирани, како и во друг вид на отпад кој се фрла, а завршува на самото дно. Поради ваквата ситуација, количеството на риба овде е сè помало. Спортските риболовци бараат да се дислоцираат сите пловила, а државата да изгради нова марина.

Advertisements

„Сите овие глисери, катамарани, а знаете дека во каналот нема пумпа за гориво и сите тие вршат преточување на горивото од канти и не може да не им капне. Особено кога ги вадат од вода. Нормално тоа што капе, тоа останува, истекува внатре ги мијат и сето тоа оди во каналот и може и сами да видите дека има одредени флеки“, рече Димче Мајкоски, риболовно друштво Свети Апостол Петар.

Во Студенчишкиот канал некогаш имаше и по неколку тони плашица, на која овој дел од брегот ѝ е природно зимувалиште.

„Катастрофа е каналот. Овој зимовник кој опстојувал со милиони години, ние успеавме да го уништиме. Под итно треба да се тргнат овие пловни објекти од овде. Ако нема марина, барем во зимскиот период, кога овде влегува рибата на зимување овде од септември до април, да се тргнат одовде, барем да може да влезе рибата“, вели Радован Димитриески, спортски риболовец.

„Последните две години многу малку риба влегува во каналот. Изминатите две зими немавме воопшто риба во каналот“, додава Димче Мајкоски, риболовно друштво Свети Апостол Петар.

Во минатото овде се одржуваа бројни натпревари во риболов, а дневно можеа да се видат и меѓу 500 и 700 рибари, но повеќе не е така затоа што рибниот фонд е во катастрофална состојба. Дополнително на сè, каналот не е исчистен повеќе од 20 години.

Мики Трајковски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button