Економија, 100 дена Влада: „Почнаа добро, па расипаа сѐ“

Само во првиот месец од работата на новата Владата имаше ефект за ублажување на последиците од економската криза. Последните два месеца сите донесени мерки создадоа контра-ефекти, па наместо намалување на цените, поскапувањата продолжија, особено на храната, коментира универзитетскиот професор Бранимир Јовановиќ.
Според него, Владата нема право да се фали ниту дека ги реализира капиталните инвестиции, бидејќи таа е многу полоша за разлика од претходните години.
„Генералната оценка за работењето на оваа Влада во првите 100 дена би била дека почнаа релативно добро, но во последниве месец дена сето она добро што го направија, практично го расипаа. Релативно добро се справија со првиот бран на енергетската криза, спречија да кажеме да дојде до огромно зголемување на цената на парното, спречија земјата да остане без струја, да има рестрикции, како што имаше на пример во Косово и ја покачија минималната плата. Многу лошо се справија со поскапувањето и на енергијата и на храната. Направија огромна грешка што го прекинаа замрзнувањето на цените на храната и што преминаа на замрзнување на маржите, што очигледно доведе до пораст на цените се гледа дека цените многу скокнаа по оваа промена. Што се однесува до капиталните инвестиции, тука нема апсолутно ништо позитивно или различно од ситуацијата во последните 15 години во државата. Во првите два месеца се реализирани само 8 проценти, а тековните расходи од буџетот се 17 проценти, што значи дека капиталните инвестиции се реализирани помалку од 50 проценти од буџетскиот план што е полошо од претходните години“, вели Јовановиќ.