Ексепрти: Департизацијата поважна од реорганизација на министерствата

Не е важно како ќе се викаат министерствата, ако нема реални реформи. Новата влада треба да се фокусира на департизација на администрацијата, дигитализација и меритократија. Вака оценува Марко Трошановски, претседателот на Институтот за демократија (ИДСЦС), коментирајќи ги најавите на ВМРО-ДПМНЕ, за реорганизација и формирање на нови министерства, со цел да се зголеми ефикасноста на институциите за реализација на проектите на идната влада.
ВМРО-ДПМНЕ има за цел веднаш по конституирањето на Собранието и пред формирањето на Владата да ги одобри измените на Законот за организација и работа на органите на државната управа, за што е потребно двотретинско мнозинство. Со измените на овој закон би се овозможила реорганизација и формирање на нови министерства.
Според најавите на првиот човек на ВМРО Мицкоски, енергетскиот сектор кој досега функционираше во рамките на Министерството за економија, ќе биде надлежноста на новото Министерство за енергетика, рудници и минерали.
Надлежностите за туризам наместо од секторот економија, ќе преминат во Министерството за култура.
Во министерство ќе се трансформира и Агенцијата за млади и спорт, кое ќе се преименува во Министерство за спорт.
Работниците повеќе нема да бидат надлежност на Министерството за труд и социјална политика, туку ќе се префлат во Министерството за економија, а во Министерството за социјала ќе се додаде „демографија“ и млади.
Министерството за економија и труд ќе ги вклучи пазарот на труд, привлекување инвестиции, претприемништво.
Согласно најавените измени, Министерството за образование ќе има надлежност и за градинките кои во моментов се во надлежност на Министерството за труд и социјална политика.
Според најавите, на Министерството за политички системи и односи меѓу заедниците ќе му бидат одземени овластувањата за „Политички системи“ и ќе биде надлежано само за односи меѓу заедниците.
Министерството за информатичко општество и администрација ќе биде одговорно само за дигитална трансформација.
Суад Бајрами