
Поради војната во Украина, малото домашно производство, цените на прехранбените производи ќе продолжат да растат, смета експертската јавност од земјава и регионот.
„Никогаш повеќе храна не беше произведена отколку што тоа беше во 2021 година, а сега имаме проблем со недостаток на храна и со цените.Она што нашите граѓани треба да го знаат е дека храна ќе има секогаш, но прашање е само по која цена и кој тоа ќе може да си го дозволи. Тоа е еден голем проблем, за кој мислам дека нашите политичари на Западен Балкан, немаат донесено решение за таа ситуација“, рече Мухамед Брка, професор на земјоделски факултет во Сараево.
Македонија перманенто се соочува со недостиг на храна од сопствено производство, а добар дел од храната ја увезуваме.
„Ние и онака не располагаме со ресурси да произведеме доволно колични на храна. Ние дваесет години немаме шеќерна репа.Нашата шеќерана не работи. Сончогледот долги години беше паднат на срамни површини, еве сега нешто се враќа. Дали е тоа резултат на политиката или е резултат на цените. И дали ние можеме да ги вратиме тие култури, можеме, но никогаш нема да може да ги вратиме во количини кои ни се потребни, бидејки кога сме произведувале највеќе не сме ги имале сите количини кои ни се потребни“, рече Ордан Чукалиев, професор на земјоделски факултет во Скопје.
Министерот за земјоделство, Љупчо Николовски, вели дека пикот на кризата со храна се очекува во наредните две години. Николовски објансува дека со новиот модел на субвенционирање на земјоделието, не се кратат средствата туку кратат нерегуларностите.
„Се елиминираат можните нерегуларности, кај оние кои земаа земја само за да добијат субвенции или се ориентираат само на производства каде што има поголеми субвенции, а воопшто не се прикажува тоа производство. Правиме редефинирање и рационализација на земјоделските субвенции сѐ со цел оние кои произведуваат храна да ги добијат“, изјави Николовски.
На меѓународна конференција во Охрид беше речено четири големи компании диктираат 95% од пазарот со храна во светот.
Мики Трајковски