Експерти: Оставките се почеток на крајот на Ахмети

Аналитичарите оценуваат дека постапката на Али Ахмети за повлекување на министрите од Владата под услов опозицијата да гласа за уставните измени, всушност е трик што првиот човек на ДУИ го презема за да избегне пад од власта. Според Арсим Синани, Ахмети го помириса својот пораз и ги презема овие дејствија за да не се посрамоти од албанските гласачи.
„Мојата перцепција е дека ова е почеток на политичкиот крај на Али Ахмети и неговиот клан, и сите параметри кажуваат дека сакаат да се спасат од драстичниот пад во кој моментално се наоѓаат. Мислам дека ова е почеток на политичкиот крај на Али Ахмети и неговото политичко мислење, кое треба да оди во заборав за Албанците во Македонија“, вели Синани.
Професорката Мирјана Најчевска оценува дека постапката на ДУИ не е искрена. Според неа, оставките се направени за да се изнесе опозицијата пред свршен чин. Најчевска додава дека ДУИ со оваа дејство се обидува да ги збуни граѓаните дека навистина е посветена на европскиот пат.
Најчевска и Синани наведуваат дека доколку ДУИ била искрена во намерата, оставките на министрите би биле неотповикливи, а не условни.
Адријан Керими