Експерти скептични дека Македонија ќе извлече максимум од Стратешкиот дијалог со САД
Експерти скептични дека Македонија ќе извлече максимум од Стратешкиот дијалог со САД

Добра вест е што власта го усвои Акцискиот план од Стратешкиот дијалог со Вашингтон, оценува политичкиот аналитичар Петар Арсовски. Според него, овој процес треба да биде активен, но тој се сомнева дека државата ќе го извлече максимумот од овој дијалог со САД, со оглед на искуствата од минатото.
„Не ги користиме сите ИПА средства, сите ИПАРД средства, не верувам дека ќе можеме дека ќе можеме да исполниме сè и од Стратешкиот дијалог, но важно е капацитетот на администрацијата да се зголемува од година во година. Ние во оваа година на криза не знам дали ќе успееме да го зголемиме капацитетот на администрацијата да ја прими целата помош, која е условно речено предвидена со Акцискиот план и Стратешкиот дијалог“, рече Петар Арсовски – аналитичар.
Акцискиот план изготвен со американските партнери, Владата го усвои и тој стана дел од редовната владина програма. Планот, меѓу другото, предвидува поддршка за диверсификација во енергетиката, посета на американски инвеститори, воведување директна линија Скопје-Њујорк, како и влез во програма чија крајна цел е безвизен режим во САД за македонските државјани. Сепак, од она што го истакнаа од Владата ќе има активности и за борба против корупцијата, преку поддршка на правосудството, а очекувањата на граѓаните најмногу беа насочени токму во оваа област. Според Арсовски, ваквите заложби би се оствариле преку силна политичка волја и јак административен капацитет.
„Соединетите Американски Држави прават повеќе од вообичаеното на Западен Балкан за борба против организираниот криминал и корупција. Прво, го донесоа законот Магнитски, кој им овозможува да стават луѓе на т.н. црна листа за корупција и организиран криминал, што претходно не беше случај, тоа беше поврзано само со безбедноста на САД. Второ, многу се активни и веќе имаме најави дека ќе се најдат луѓе на црната листа, така што во моментов тоа е повеќе од она што го прави Европската унија“, додаде тој.
Претходно од амбасадата на САД во земјава истакнаа дека Стратешкиот дијалог е одлична можност да се зајакнат сите начини на кои двете држави работат заедно како партнери и оти им е задоволство што властите во Скопје напредуваат кон Акцискиот план за постигнување на заедничките цели./Алсат.мк
Лука Андреев