Експерти: Со буџетот за догодина ќе немаме ни развој, ни подобар стандард

Предлог-буџетот за идната година не може да се нарече развоен бидејќи годишната стапка на економски раст не се предвидува ниту три отсто, коментираат за Алсат експерти. Со таква прогноза се одржува само социјалниот мир, се покриваат основните трошоци на државата, а сето тоа без сериозни капитални инвестиции кои на среден рок би иницирале некаков развој.
„Ние можеме вака и 300 години да тераме, но никогаш нема да имаме развој. На овој начин нема да имаме развој, нема да имаме зголемување на стандардот на живот. Ќе останеме на опашката на интеграциите кон Европската Унија и некој од милост ќе нè поддржува како држава“, вели Абиљ Бауш, економист.
Според опозицијата, предложениот буџет е само потврда дека власта нема план за справување со кризата. Како образложение го даваат податокот дека двојно поголем е проектираниот дефицит во државната каса за догодина кој изнесува пет отсто од самиот раст на економијата.
„Ова ќе бидат 5,3 милијарди евра фрлени на непродуктивни трошоци, без никаков бенефит и без развојна компонента. Предлог-буџетот на Ковачевски алудира дека не се почитува принципот на финансиска консолидација и оти парите може да се трошат под сомнение за криминал и корупција“, наведоа од ВМРО-ДПМНЕ.
Според предлог буџетот за 2023 година Владата догодина планира да собере приходи од 4,6 милијарди евра, но и да потроши досега рекордни 5,3 милијарди. Инфлацијата е проектирана на високи 7,1 отсто.
Иле Петревски