Експерти: „Владата не смее да го држи во тајност договорот за автопатите“
Експерти: „Владата не смее да го држи во тајност договорот за автопатите“

Објавувањето на договорот со Бехтел и Енка е од јавен интерес. Експертите оценуваат дека Владата не смее да ги држи далеку од очите на јавноста информациите од јавен карактер и покрај барањето на приватниот партнер. Гоце Коцевски од Здружението на млади правници во емисијата 360 степени на Алсат, рече дека Јавното претпријатие Државни патишта, мора да го направи тестот за штети и да се потврди дека договорот мора да биде објавен. Според него, со оваа постапка бисе потиснале и дилемите за злоупотреби и корупција.
Власта и опозицијата и денеска продолжија меѓусебно да се обвинуваат за необјавување на договорот. Од СДСМ оценуваат дека македонската опозиција обвинува и клевети за да го саботира најголемиот инфраструктурен проект во државата.
„ВМРО-ДПМНЕ обвинува светски позната американска компанија како Бехтел дека наводно краделе пари и правеле криминал. ВМРО-ДПМНЕ намерно шири лаги против изградбата на стратешки проекти како што се Коридорите 8 и 10-Д. Ништо не е сменето во ВМРО-ДПМНЕ, таа е истата партија на режимот и останува симбол на корупција и криминал“, велат од СДСМ.
Но, од ВМРО-ДПМНЕ обвинуваат дека Владата дава неосновани оправдувања само за да го заштити сопствениот криминал. Од македонската опозиција велат дека за нив не е спорна фирмата, туку се спорни постапките на Ковачевски и Груби.
„Вистината е дека криминалот е кај Владата. Секој приватен субјект или компанија се бори да го добие максимумот во преговорите, но криминалот е во тоа што државата трпи од Владата. Ковачевски и Груби ја ставија државата во зависна положба и се договорија да му плаќаат милионски казни и трошоци на приватниот субјект“, нагласуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Владините функционери пак, веќе во неколку соопштенија не се на ист став во однос на објавувањето или необјавувањето на договорот. Додека вицепремиерот Артан Груби тврдеше дека договорот е класифициран и оти не може да се објави, премиерот Ковачевски рече дека договорот е полукласифициран.
Во меѓувреме, во Собранието има неколку предлог-закони кои треба да се сменат, а кои се однесуваат на Коридорите 8 и 10-Д. Следниот вторник Собранието ќе ја продолжи расправата за измените на работното време и начинот на експропријација на имотите низ кои би поминувале автопатите. Предлог-законот за културно наследство беше повлечен од процедура по реакциите во јавноста.
Адриан Керими