Експертите очекуваат оставка од претседателката на Антикорупциска

Претседателката на Антикорупциската комисија Татјана Димитровска која е осомничена за оддавање службена тајна на друг осомничен во случајот „Адитив“ нема поднесено оставка, а според мислењето на дел од поранешните членови на оваа Комисија, тоа е неопходно да го стори. Сметаат дека се работи за индивидуална, а не за колективна одговорност на целата Комисија.
Поранешната претседателка на Антикорупциската комисија Билјана Ивановска вели дека Димитровска треба под итно да поднесе оставка затоа што на овој начин, како што вели, таа сè уште ја инфицира институцијата. Според Ивановска, нанесен е тежок удар врз институцијата и не е момент да се седи со скрстени раце. На потег, вели таа, е Собранието пред кое одговараат претседателката и членовите на Антикорупциската комисија.
– Се случило што се случило, сега треба да гледаме како понатаму, значи треба да се бара чаре. На потег е Собранието – кои механизми може да ги преземе, што може самата институција да направи од аспект на самопроценка на ризици од корупција. Ние сме правеле и претходно во насока на зголемување на интегритетот на таа институција, имаме регистар со ризици од корупција и мерки како тие да се надминуваат. Тоа треба сега да се преиспита, да се види кои се високите ризици, со какви контроли треба да се покријат и така натаму, изјави вчера Ивановска.
Од Кабинетот на претседателот на Собранието вчера преку писмено соопштение посочија дека доколку низ судска постапка се потврдат како точни наводите за Димитровска, тогаш без двоумење ќе биде иницирана соодветна постапка за нејзино разрешување.
Поранешниот член на Антикорупциската комисија Владимир Георгиев смета дека вината е индивидуална, а не на целиот состав на Комисијата, но вели дека целиот случај влијае врз угледот и работата на Комисијата.
– Што се однесува на тоа дали целата институција е виновна, сметам дека тоа е индивидуална одговорност на секој поединечен член, во случајот на претседателката, меѓутоа тоа влијае врз работата на ДКСК и нејзиниот углед во јавноста. Многу е тешко да се стекне доверба преку работа, непристрасност и посветеност, меѓутоа многу лесно може да се изгуби таа доверба. ДКСК е веќе на граница на својата доверба во јавноста и треба многу дополнителен напор за да ја поврати таа доверба, вели Георгиев.
И министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски викендов коментирајќи ги сличувањата во Антикорупциската комисија рече дека не гледа причина за колективна одговорност на целата Комисија.