
Две експлозии од шок бомби се регистрирани во Северна Митровица, а во другите општини ситуацијата денеска е мирна по вчерашните немири каде настрадаа и новинари од косовските медиуми. Заменик-регионалниот директор за северот, Ветон Елшани, соопшти дека една од експлозиите се случила во близина на полициската станица, а друга во близина на Техничкото училиште. Немало пријава за повредени лица. Во Лепосавиќ преку денот се собраа мал број демонстранти. Тензиите во општините со српско мнозинство почнаа на 26 мај, кога градоначалниците Албанци влегоа во општинските згради со помош на косовската полиција. Ситуацијата кулмнираше на 29 мај кога во Звечан српските демонстранти се судрија со припадниците на КФОР при што имаше многу повредени војници.