
Тешка економска година со многу предизвици, вака накусо бизнис секторот ја оценува 2021-ва. Предвидувањата не се оптимистички – трендот на неизвесност ќе продолжи, а може да се очекуваат и дополнителни негативни последици од корона пандемијата.
Според стопанските комори, енергетската криза дополнително го усложни економскиот амбиент и ги покажа и слабостите на системот. Но, врз работењето на компаниите силен одраз имаа и политичките случувања по локалните избори.
-Судејќи од оваа перспектива, можеби има простор да се констатира успешна година, но, за жал, економијата е многу покомплексен и сложен сегмент. Не се сите компании членки во некоја од коморите, што значи дека треба да имаме предвид уште многу други параметри за да дадеме таква констатација. Поради корона пандемијата, економијата и бизнисот претрпеа штети од кои се уште не закрепнале. Во споредба со 2020 година имаме над 2 000 компании помалку и секако, синџирот на снабдување е значително ослабен. Сепак, токму во период кога изгледаше дека се движиме позитивно кон закрепнување и враќање во нормала, не погодија енергетската криза и инфлацијата. Енергетската криза е сериозен проблем, вели за МИА извршниот директор на Стопанската комора на северозападна Македонија (СКСЗМ), Дрилон Исени.