Епидемиолози бараат да се смени протоколот за броење на починати со потврден Ковид-19

Протоколот за идентификација на смртните случаи од коронавирусот треба да се промени, сметаат дел од епидемиолозите. Според нив, случаите треба да се поделат во две категории – пациенти кои умираат како резултат на инфекција со Ковид-19 и пациенти кои имаат потврден вирус, но кои починале од други причини. Поранешниот министер за здравство, епидемиологот Драган Даниловски, смета дека сегашните податоци за смртноста не се реални.
Од Министерството за здравство велат дека актуелните протоколи се во согласност со препораките на СЗО. Тие додаваат дека ако се запре спроведувањето на посмртните тестови, евиденцијата за смртноста од Ковид-19 ќе се намали од 30 до 40%. Тоа значи дека бројот од над илјада починати досега во Македонија од оваа болест ќе се намали за речиси половина.
Министерство за здравство:
„Секоја земја има свој начин на регистрација на мртвите. Во нашата евиденција се вклучуваат и оние пациенти кои имаат позитивен тест по смртта, што не се прави во повеќето други земји во регионот и Европа. Таквите брисеви се земаат од починатиот, чии роднини или лекари велат дека имал симптоми.“
Официјалните податоци покажуваат дека од почетокот на пандемијата до сега во просек кај нас починувале по 4 лица секој ден од коронавирусот. Просекот на смртност на 100 илјади жители во нашата земја е 3,2%, а просекот во Европа е 2,9%, велат од Министерството за здравство.
Аднан Ќаили