Епилог од судењето за „Монструм“ – Три доживотни казни, по една од 9 и од 15 години и еден ослободен од обвинение

Кривичниот суд ги осуди Африм Исмаиловиќ, Алил Исмаиловиќ и Агим Демири на доживотна затворска казна во случајот „Монструм“, за петкратното убиство на пет лица кај Смилковското Езеро на 12 април 2012 година. За помагачите во делото, Фејзи Азири и Хаки Азири изречена е затворска казна во траење од 9, односно 15 години. Од обвинението е ослободен Сами Лута.
Како што соопшти судот:
Алил Демири – виновен за теторизам, доживотен затвор
Африм Исмаиловиќ – виновен за теоризам , доживотен затвор
Агим Исмаиловиќ – виновен за теторизам, доживотен затвор
Хаки Азири – виновен за две кривични дела за помагање, единствена казна затвор од 9 години
Фејзи Азири – виновен за 2 кривични дела за помагање во извршување на кривично дело, единствена казна затвор од 15 години
Сами Љута – се отфрла обвинението
Пресудата ја донесе петчлен судечки совет од двајца судии, Огнен Ставрев како прв и Осман Шабани како втор судија и тројца поротници.
Првите двајца обвинети, Алил Демири и Африм Исмаиловиќ, се во бегство во Косово и со години косовските власти не ги екстрадираат во земјава.
Во пресрет на изрекувањето на пресудата, во завршните зборови обвинителката Фатиме Фетаи побара доживотен затвор за првите тројца обвинети за тероризам, за Хаки и Фејзи Азири за помагање побара максимални затворски казни од 9 до 10, односно 15 години, додека за Сами Љута побара ослободителна пресуда поради немање докази. Одбраната, пак, бараше ослободителна пресуда бидејќи, според нејзината теорија на случај, ова не се вистинските извршители.
Денешната е втора пресуда изречена за „Монструм“ од Основниот кривичен суд во Скопје. Во првиот процес, сите се гонеа за тероризам и добија доживотни затворски казни. Меѓутоа, кога предметот стигна пред Врховниот суд, тогашната в.д. републичка обвинителка Лилјана Спасовска се согласи жалбите на обвинетите да се усвојат и случајот да се врати на повторно одлучување за утврдување на фактичката состојба. Во ноември 2017 таква одлука донесе и Врховниот суд.