ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Епопејата наречена српска донација на вакцини денеска доби епилог

Утрово, вниманието на јавноста беше свртено на граничниот премин Табановце. Во земјава пристигнаа 4800 вакцини од компанијата Фајзер, донација од Србија. Половина од македонската владата на чело со премиерот Зоран Заев со црвен килим ги пречека дарителите од Србија предводени од претседателот Александар Вучиќ. Медиумските екипи на минусни температури со нетрпение очекуваа да ги видат долго најавуваните вакцини. И конечно кога возилото со вакцините ја помина границата, надлежните ги отворија и вратите за снимателите и фотографите да ја сликаат пратката. Во комбето имаше само една кутија од вакцината која илјадници ја очекуваат. Премиерот Заев вели дека со донацијата прво ќе бидат вакцинирани сите здравствени работници.

Advertisements

„Првпат се случува да добиеме ваква согласност од Фајзер која веројатно ќе значи многу за помош насекаде низ светот за вакви акти на солидарност. Ова е првата пратка, овие денови ќе стигнат и останатите количини до осум илјади вакцини, и е многу важно што првите вакцини во нашата земја стигаат од братска и пријателска Србија“, рече Заев.

А претседателот на Србија Александар Вучиќ утрово допатува со авион и беше пречекан на скопскиот Аеродром од градоначалникот на Центар Саша Богдановиќ. По завршувањето на настанот премиерот Заев и Вучиќ се упатија кон една од скопските винарии да наздрават за солидарниот гест.

„Србија нема никаков друг интерес од тоа да изразува пријателство кон македонскиот народ и кон сите граѓани на Северна Македонија. Ние други работи немаме, нас не не интересира ништо друго освен нашето пријателство да ни напредува, да ја развиваме економската соработка и да можеме да живееме не само како најблиски соседи туку и како најдобри пријатели“, изјави српскиот претседател Вучиќ.

По целокупната траса на автопатот кој води до Табановце можеа да се забележат огромен број на униформирани лица кои се грижеа за безбедноста на политичарите.

Недостатокот на вакцини од Европската Унија за земјите од Западен Балкан, двајцата лидери го објаснија како глобален проблем. Тие очекуваат дека вакцините од унијата ќе стигнат некаде на пролет.

Според најавите, вакцинирањето ќе започне во среда и ќе се одвива во модуларната болница. По здравствените работници следни за примање вакцина против ковид 19 се лицата постари од 70 години. А на сајтот за пријавување досега интерес за вакцинирање изразиле над 40 илјади граѓани од Македонија.

Иле Петревски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button