Ердоган во посета на Албанија

Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган е во посета на Албанија. Ердоган денеска (10 октомври) беше примен од претседателот на Албанија, Бајрам Бегај.
Подоцна, Ердоган ќе се сретне со премиерот Еди Рама за време на неговата посета на Тирана. Потоа ќе се одржи состанок на високиот албанско-турски совет за соработка, а на крајот се очекува да бидат потпишани неколку договори поврзани со образованието, земјоделството и медиумите.
Договорот за формирање на овој Совет беше потпишан во јануари 2021 година, додека првиот состанок се одржа во февруари годинава. Шест договори и меморандуми за разбирање беа потпишани во Анкара за време на посетата на премиерот Еди Рама на 20 февруари во областа на животната средина, земјоделството, медиумите и војската.
Министерот за одбрана Нико Пелеши во март годинава за време на говорот во Парламентот рече дека Турција е земја „со која имаме интензивна соработка на полето на безбедноста, одбраната и цивилните вонредни состојби“.
Тој најави дека во моментов се реализира поддршката на грант од 100 милиони турски лири за модернизација на вооружените сили, а со овој договор се обезбедени и три беспилотни летала „Бајрактар“.