
Специјалниот пратеник на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар, денеска во Белград изрази уверување и надеж дека Србите на северот на Косово нема да видат промени во нивните животи на први септември, кога Владата во Приштина најавува почеток на примена на мерките за реципроцитет. По синоќешните разговори со српскиот претседател Александар Вучиќ и со специјалниот претставник на ЕУ за дијалог Мирослав Лајчак, Ескобар изутрината изјави дека неговата надеж е оти Србите на северот на Косово „суштински нема да станат гости во сопствената земја“, дека „тие ќе бидат признати како легитимни граѓани и на Србија и Косово“ и дека „ќе продолжат да живеат мирно“.
Тој изјави дека на секоја средба со косовските претставници во Приштина оваа недела, тој и Лајчак укажувале на неопходноста од спроведување на сите потпишани договори во бриселскиот дијалог.
„Мора да се спроведат сите елементи на дијалогот, вклучително и формирањето на Заедницата на српските општини. Ова е пораката што многу јасно и ја пренесовме на косовската влада оваа недела во Приштина и за време на неодамнешната посета на премиерот Курти и претседателот Османи во Вашингтон“, додаде американскиот дипломат.
Ескобар рече дека „нема рокови“ за формирање на Заедницата на српските општини, но додаде дека САД очекуваат „многу наскоро за тоа да се разговара во рамките на дијалогот“.