
Американскиот заменик помошник државен секретар за Европа и Евроазија, Габриел Ескобар, вчерашната посета на Тирана ја заврши синоќа со едночасовната средба со премиерот Еди Рама. Во врска со пораките кои ги донел во Албанија, преку соопштение информираше американската амбасада, во кое се наведува дека „фокусот на САД бил ставен на борбата против корупцијата и неказнивоста“.
Ескобар го истакна фокусот на САД на борбата против корупцијата, неказнивоста и напорите за поткопување на демократијата на Западен Балкан, стои во соопштението во кое се додава дека го поздравил натамошното зајакнување на односите меѓу САД и Албанија, одбранбена соработка како сојузници на НАТО и создавањето повеќе можности за трговија и инвестиции. Во рамки на неговата прва официјална посета на Тирана, Ескобар се сретна и со министерката за Европа и надворешни работи, Олта Џачка, како и со лидерот на опозициската Демократска партија, Љуљзим Баша.