Ескобар: Никого не измачувам!

Власта не клечи пред дипломатите за да бара помош да вршат притисок врз опозицијата и така да ги обезбеди потребните гласови за уставни измени, тврдеше денеска премиерот Димитар Ковачевски по средбата со заменик-помошникот државен секретар на САД, Габриел Ескобар. Според него, се разговарало за штетата што може да дојде од одолговлекувањето на процесот за интеграција во ЕУ.
Ескобар земјава ја опиша како вреден пријател на САД и вреден член на НАТО, додавајќи дека интеграцијата во ЕУ е подеднакво важна за нив. Ескобар рече дека оваа посета не е за врз некого да се врши притисок, алудирајќи на изјавите на лидерот на опозицијата Мицкоски, кој деновиве тврдеше дека странскиот фактор им врши притисок за да гласаат за уставните амандмани за влез на Бугарите.
„Сакам да кажам дека не сум тука за да измачувам некого. Сакам многу јасно да кажам дека САД не ги избираат владите на земјите-членки на НАТО, туку имаме очекувања. Една од работите за кои ќе зборувам е истата порака што ја дадов низ целиот регион. САД ги гледаат како природен партнер оние кои се посветени на европската интеграција, се посветени на НАТО и на борбата против корупцијата“, рече Ескобар.
Ескобар вчера се сретна и со претседателот на државата Стево Пендаровски.
Фатлуме Дервиши