Ескобар: Очекуваме Србија и Косово да го применат тоа што го прифатија во Брисел

Специјалниот претставник на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар, кој присуствуваше на состаноците на лидерите на Србија и Косово и претставниците на ЕУ во Брисел, потврди дека лидерите се согласиле да продолжат напред во дијалогот во согласност со европскиот предлог“, но предупредува дека претстои „тешка работа на имплементација“ на тоа за што се договориле двете страни, пренесува Гласот на Америка.
Американскиот дипломат на „онлајн брифингот за новинарите“ рече дека САД веруваат дека овојпат двете страни се сериозни во намерата да го спроведат договореното и повтори дека европскиот предлог не е за меѓусебно признавање, туку за нормализација на односите.
Лидерите на Србија и на Косово, Александар Вучиќ и Албин Курти, на состанокот во понеделникот во Брисел со посредство на високи претставници на ЕУ, усно се согласија дека се подготвени да го продолжат дијалогот во согласност со европскиот предлог за решавање на косовското прашање, но во Брисел ништо не е потпишано, потсетува Гласот на Америка.
„Во консултација со европските партнери, лидерите на Србија и на Косово се согласија да одат напред во согласност со европскиот предлог. Ние го поддржуваме тоа и ако знаеме дека тоа е многу важен чекор, останува напорна работа на имплементацијата на договорот околу анексот на имплементацијата. Тука исто така сакаме да видиме напредок на двете страни“, вели Ескобар.