ЕСМ: Греењето во Скопје ќе биде исто за сите, нема веќе топли радијатори 24 часа на ден

Со промени во системот на греење и воведување стандардизација и воедначување на греењето, ЕСМ ќе обезбедува исти услови за сите 62 000 потрошувачи, деловни објекти и институции.
Промените, како што нагласуваат од ЕСМ, значат дека одреден број потрошувачи приклучени на „ЕСМ енергетика“ сега ќе добиваат греење од 6 до 22 часот, како што се снабдува целиот град, и со средна дневна температура во просториите од 20 до 21 степен, како што е пропишано во мрежните правила одобрени од Регулаторната комисија. Овие потрошувачи на „Енергетика“ досега добиваа парно греење 24 часа“, наведуваат од ЕСМ.
Оттаму додаваат дека од 1 февруари, од вкупно 4 000 потрошувачи на Енергетика“, половина се префрлени на мрежата на „ЕСМ снабдување“, додека за другите 2 000 кои остануваат на „Енергетика“ во следниот период ќе се направат технички подготовки од следната грејна сезона да добиваат греење, како и останатиот дел од градот.
„По воведената промена, сметките во населба Автокоманда нема да се покачуваат како што се појавија шпекулации, а сметките на училиштата, градинките, деловните објекти и други институции и ќе се намалат до 45 отсто“, се вели во денешното соопштение од АД ЕСМ.