
За да не ги остави граѓаните, училиштата и здравствените институции без греење среде зима, топланата „Скопје-Север“ склучи договор со ЕСМ за финансиска помош која ќе треба да ја врати по завршувањето на грејната сезона. Парите од државниот буџет преку ЕСМ ќе се инвестираат во набавка на природен гас.
Од утрово топланата Скопје-Север продолжи со работа на природен гас, за кој гарантираа ЕСМ, но долгот и понатаму е висок. Стотици домаќинства и десетици институции кои гравитираат кон општина Чаир и Бутел ѝ должат на оваа компанија над 1 милион евра, кои доколку се исплатат би биле од витално значење до крајот на сезоната.
Од ЕСМ велат дека со потпишувањето на Договорот за техничка и деловна соработка со одлука на Владата презеле одговорност на почетокот на грејната сезона, по барање на „Скопје-Север“ за финансиска поддршка за купување на гас.
„Договорот го потпишаа АД „Скопје-Север“ и сопственикот АД во стечај „Топлификација“. Дадени се и гаранции за средствата што ЕСМ ќе ги вложи оваа грејна сезона. Дополнително, ЕСМ со свој полномошник и придружен потпис ќе ја контролира работата и плаќањата на АД „Скопје-Север“, кое е корисник на средствата. ЕСМ во повеќе наврати потенцираше дека Договорот за деловно-техничка соработка е единствениот начин да се спречи прекин во снабдувањето со топлинска енергија на корисниците во овие две општини“, наведуваат од АД Електрани на Северна Македонија
Од дирекцијата на „Скопје-Север“ велат дека на нивните корисници не им требаат нови договори, но апелираат до нив да си ги подмират долговите. Директорот Куштрим Рамадани појасни дека ЕСМ не управува со топланата, туку само ја финансира.
„Не можеме да зборуваме за бројки бидејќи цената на гасот постојано се менува, ги добиваме овие средства и врз основа на договорот сме обврзани да ги вратиме. Не станува збор за субвенција или нешто друго, туку се работи само за помош за ликвидноста на нашата компанија. Мора да ги вратиме овие средства“, рече Куштрим Рамадани, директор на АД.„Топлана Скопје-Север“.
Неможноста топланата да биде независно претпријатие се гледа и во нејзиното работење со само 1/8 од капацитетот. Иако нејзината инфраструктура може да снабдува 4 илјади домаќинства, во моментов на оваа мрежа легално се приклучени само 500 домаќинства и 14 јавни здравствени и образовни институции.
Аднан Ќаили