
Европската унија ги повика сите политички актери во Црна Гора итно да преземат активности за да се обезбеди функционирање на Уставниот суд и да се поништат измените на Законот за претседател. Портпаролката на Европската комисија, Ана Писонеро, изјави дека од витално значење е сите во Црна Гора да покажат максимална воздржаност од понатамошни провокативни дејства. Таа оцени дека Црна Гора пропуштила уште една можност да именува членови на Уставниот суд и да стави крај на институционалната криза.
„Целосно функционален Уставен суд составен од надлежни членови е клучот за Црна Гора да ги заштити основните права на своите граѓани и да напредува на европскиот пат“, рече таа во објавата на Твитер.
Амбасадата на Соединетите држави повика на итно враќање на мирниот и конструктивен дискурс. „Ги повикуваме сите црногорски лидери и граѓани да ги продолжат разговорите и да најдат мирни решенија за политичките проблеми“, напишаа од Амбасадата на Твитер профилот.