ЕУ донира медицински апарати, Македонија не ги користи
ЕУ донира медицински апарати, Македонија не ги користи

Министерството за здравство молчи по критиките на евроамбасадорот Дејвид Гир околу искористеноста на донираните системи за магнетна резонанца и компјутерска томографија. Повеќе од пет дена од институцијата не одговараат на прашањата на Алсат зошто е слаба употребата на овие системи во земјава и е под просекот на Унијата. Според ревизорите, обемот на овие услуги во 2022 година е на приближно исто ниво како и во 2017 година, иако бројот на апарати за магнетна резонанца во јавното здравство во меѓувреме е удвоен од 7 на 15 апарати. Дополнително, еден од донираните системи, како што е примерот со болницата во Гостивар, воопшто не бил ниту пуштен во употреба. Овие уреди се користат за да се добие визуелизација, односно детална слика на внатрешните органи кај пациентите.
„И покрај остварениот напредок во поглед на обезбедување на седум нови покрај постојните осум апарати за магнетна резонанца во јавното здравство во последните три години, истите не се доволно искористени, а донесените политики и преземените мерки и активности од надлежните институции и здравствените установи не секогаш обезбедуваат достапни и квалитетни здравствени услуги со магнетна резонанца за осигурениците“, велат од Државен завод за ревизија.
Евроамбасадорот Гир, неодамна истакна дека ваквата состојба не е позитивен пример за партнерство со институциите, поконкретно со Министерството за здравство. Тој истакна дека изминативе години Унијата донирала системи за магнетна резонанца и компјутерска томографија во осум болници низ земјава.
„Во Европската Унија годишно во просек еден систем се употребува за четири до девет илјади пациенти. Според Заводот за ревизија, тука се употребува за 2.800 пациенти. Зошто? Мора да се направи повеќе и апелирам до сите целосно да се употребува донираната опрема. Тоа е во интерес на пациентите“, рече Дејвид Гир – евроамбасадор.
Инаку, ревизорите исто така констатираа дека опремувањето на одделите за радиолошка дијагностика во јавните здравствени установи со нови радиолошки апарати, во последните три години е направено без соодветна анализа, особено за потребниот обучен стручен кадар. Според Заводот, недоволната обученост на докторите радиолози за читање на снимките од магнетна резонанца влијае на неефикасно искористување на апаратите и намалена достапност и квалитет на услугите./Алсат.мк
Лука Андреев