
Европската Унија (ЕУ) е подготвена за трговски договор со американскиот претседател Доналд Трамп во врска со тарифите, но и понатаму „сите опции остануваат на маса“, изјави претседателката на Европската комисија (ЕК), Урсула фон дер Лајен, додавајќи дека го анализира најновиот преговарачки документ на Соединетите Американски Држави што вчера стигнал во Брисел.
„Нашата порака денес е јасна, ние сме подготвени за договор. Но, во исто време се подготвуваме за можноста да не се постигне задоволителен договор…и ќе го браниме европскиот интерес како што треба. Накратко, сите опции остануваат на маса“, изјави Фон дер Лајен за новинарите, откако ги брифираше лидерите на ЕУ за документот, пренесе „Гардијан“.
Европската комисија, како што потсетува британскиот весник, е одговорна за трговијата во име на 27-те земји членки на ЕУ, но на состанокот со европските лидери сакаше да добие насоки за тоа како да пристапи кон преговорите со Белата куќа кои се сметаат за критични.
Американскиот претседател, Трамп се закани дека ќе воведе царини од 50 отсто за сите стоки од Европската Унија, кои треба да стапат на сила од 9 јули доколку во меѓувреме двете страни не постигнат договор.
Инаку, најголем дел од производите од ЕУ веќе се соочуваат со царини од 10 отсто, давачките за автомобили и делови за автомобили се 25 отсто, а за челик и алуминиум е 50 отсто.
Фон дер Лајен, исто така, најави и, како што го нарече, почеток на редизајнирање на Светската трговска организација (СТО), поради загриженоста дека глобалниот трговски систем е поткопан од трговски војни и билатерални договори. Таа рече дека блокот на Азиско-пацифичкиот CPTPP, кој ја вклучува и Велика Британија, е заинтересиран за структурирана соработка со ЕУ, која го сака истото.