ЕУ гаранции за правата на Бугарите, па кревање на ветото

Според бугарскиот европратеник и известувач за Македонија, Илхан Ќучук, правата на Бугарите во земјава се основното прашање за кое треба да се најде решение меѓу Скопје и Софија, за да се деблокира евроинтегративниот процес. Во интервју за бугарски медиуми, тој вели дека гаранции за овие права пред сè, треба да даде и Европската комисија.
„Ако тука се најде европско решение, самата Европска комисија да ни даде гаранции за следење на човековите права и слободи, јас мислам дека тоа е доволна основа за да се продолжи напред, односно да се отстрани ветото. ЕУ да даде гаранции, дека има механизам за мониторинг на човечките права и слободи, кој би бил со јасни индикатори“, изјави Илхан Ќучук – бугарски европратеник
Претходно бугарскиот премиер Кирил Петков нагласи дека правата на Бугарите во земјава ќе бидат заштитени доколку тие станат дел од Уставот. Тој побара овој услов да биде дел од преговарачката рамка и да се исполни до отворањето на првиот кластер од преговорите, за што би гарантирал и Брисел.
Во гостувањето во „360 степени“, вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ, синоќа не одговори дали и што од бугарските барања, меѓу кои и влегувањето на Бугарите во Уставот, би можело да биде дел од преговарачката рамка. Тој истакна дека текстот на рамката треба да го изготви Брисел, а потоа, доколку има согласност, тој текст треба да се одобри и во Собранието во Македонија.
Маричиќ повтори дека Скопје се залага Уставот да се отвори кон крајот на преговорите, а не пред нивниот почеток.
„Делот од Протоколот што се однесува на Уставот, ние јасно кажавме дека содржински немаме проблем било која заедница да биде вградена во Уставот, бидејќи веќе имаме повеќе заедници и таков е нашиот концепт. Меѓутоа сметаме дека пред почетокот на преговорите тоа не е ниту корисно, ниту возможно, бидејќи ние веќе еднаш го променивме Уставот и не сметаме дека тоа треба да е предуслов за почеток на преговорите“, изјави Бојан Маричиќ – вицепремиер за европски прашања
Од ВМРО-ДПМНЕ пак, истакнаа дека нема да поддржат уставни измени, без претходни писмени гаранции за македонскиот јазик и историја.
„Барањата коишто ги има Бугарија се под секое национално достоинство и не мислам дека треба да се разговара ниту за посебноста на македонскиот народ, ниту за посебноста на македонскиот јазик“, изјави Александар Николовски – потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ
Прашан за писмените гаранции што ги бара опозицијата, вицепремиерот Маричиќ рече дека и онака власта во разговорите се води од Декларацијата усвоена во Собранието, во која се потврдени посебноста на македонскиот народ и јазик. /Алсат.мк
Лука Андреев