ВЕСТИРЕГИОН

ЕУ го објави целиот предлог-договор за патот кон нормализација на односите меѓу Косово и Србија

Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС) на својата веб-страница го објави текстот на предлогот на Европската унија за Договорот за нормализација на односите меѓу Косово и Србија. Како што објави на Твитер високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, вчера во Брисел премиерот на Косово Албин Курти и претседателот на Србија Александар Вучиќ се согласиле дека за предлогот не се потребни понатамошни разговори.

Advertisements

Во текстот на европскиот предлог се наведува дека страните од договорот се свесни за својата одговорност да го зачуваат мирот,  посветени на придонес кон плодната регионална соработка и безбедност во Европа и надминување на минатото, свесни се дека неповредливоста на границите и почитувањето на територијалниот интегритет и суверенитет и заштитата на националните малцинства се основните услови за мир.

Во текстот на договорот се наведува дека двете страни ќе развијат „нормални, добрососедски односи засновани на еднакви права“, дека „заемно ќе ги признаваат документите и националните симболи, вклучувајќи пасоши, дипломи, регистарски таблички и царински печати“.

Двете страни ќе се водат од целите и принципите утврдени во Повелбата на Обединетите нации, особено оние за суверена еднаквост на сите држави, почитување на нивната независност, автономија и територијален интегритет, правото на самоопределување, заштита на човековите права и недискриминација.

„Двете страни се обврзуваат да воспостават посебни аранжмани и гаранции, во согласност со релевантните инструменти на Советот на Европа и потпирајќи се на постоечките европски искуства, со цел да се обезбеди соодветно ниво на самоуправа на српската заедница на Косово и способност за обезбедуваат услуги во одредени области, вклучително и можност за финансиска поддршка од Србија и директен канал за комуникација на српската заедница со владата на Косово“, се вели во текстот.

„Имавме тешка средба и верувам дека ќе има уште многу во наредниот период. Треба да се видиме на 18 март во Северна Македонија, кога Борел ќе го посети регионот, а дотогаш ќе разговараме со Лајчак за работите што треба да ги спроведеме. Во соопштението на ЕУ ќе се спомене неопходноста од спроведување на сите досегашни договори. Инсистирав на Заедницата на српските општини. Курти сега не беше подготвен да го прифати тоа, а дали ќе биде подготвен во иднина, ќе видиме“, изјави Вучиќ.

По средбата, на која учествуваше специјалниот пратеник на ЕУ за нормализација на односите меѓу Србија и Косово, Мирослав Лајчак, Борел изјави дека разговорите биле интензивни и дека и Вучиќ и Курти покажале одговорност.

Косовскиот премиер по средбата изјави дека е подготвен да го потпише договорот, но дека другата страна одбила.

 

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button