ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

ЕУ и понатаму не ни дава датум, но има волја тоа да се случи

ЕУ ѝ се заблагодари на земјава дека застанала на нејзина страна во осудата на нападите на Путин врз народот на Украина, но сè уште не може да обезбеди датум за почеток на преговорите за членство. Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел денеска ја започна регионалната турнеја во Скопје за да се осигура дека земјите, идни евентуални членки на Унијата, во овој клучен момент ќе постапуваат во согласност со вредностите на ЕУ.

Advertisements

„Мислам дека моментот е сега. Постојано сме нагласувале дека земјата е подготвена да ги започне преговорите. Тоа им го кажавме и на земјите-членки на ЕУ и фактот дека Северна Македонија е целосно усогласена со постапките и вредностите на ЕУ, уште еднаш докажа дека Северна Македонија е во семејството на Унијата. Ветување? Не можам да ветам, но можам да ве уверам дека правиме сè што можеме за да обезбедиме преговорите со Северна Македонија и Албанија навистина да започнат на следната меѓувладина конференција“, рече Борел.

Борел го повика Скопје да продолжи со внатрешните реформи. Но, владата очекува повеќе. Премиерот Димитар Ковачевски му рече на Борел дека ситуацијата во Украина ја зголемила потребата од предвидлив и брз пристапен процес, за поголема безбедност на Западен Балкан.

Борел во Скопје се сретна и со претседателот Стево Пендаровски, со спикерот, Талат Џафери и со координаторите на пратеничките групи. За време на посетата тој го објави четвртиот пакет санкции против Русија. Тие се однесуваат на трговски даноци, крипто-валути, извоз на луксузни стоки ит слично. Високиот европски претставник рече дека ЕУ работи на диверзификација во снабдувањето со енергија за да се намали зависноста и да се спречи раст на цените. Вети поддршка за поголема сајбер безбедност и во борбата против лажните вести.

Фатлуме Дервиши

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button