ЕУ и САД не го коментираат можното проширување на Владата
ЕУ и САД не го коментираат можното проширување на Владата

Од канцеларијата на Европската Унија во Скопје не ги коментираат одлуките на политичките партии дали ќе бидат или не дел од Владата. На прашањето на Алсат каков е ставот на мисијата на ЕУ за проширување на владината коалиција, и како ги коментираат изјавите на политичарите, меѓу кои и Арбен Таравари, дека за ова прашање се консултирал и со меѓународни фактори, од канцеларијата на ЕУ велат дека се работи за суверени прашања, па не коментираат за внатрешните работи на политичките партии.
„Европската делегација будно ги следи политичките случувања во Северна Македонија. Знаејќи дека се работи за суверени прашања, делегацијата на ЕУ не коментира за внатрешни политички прашања или поединечни изјави на политичарите“, велат од Канцеларија на ЕУ.
На Централното собрание на Алијанса на Албанците, утре во Куманово, меѓу другото, ќе се расправа за тоа дали Алијансата ќе биде или не дел од владата. Претседателот на Алијанса, Арбен Таравари, имаше средба со американската амбасадорка Ангела Агелер, но на средбата не се разговарало за учеството или не учеството во Владата.
Алсат праша и во американската амбасада каков е нивниот став за можното проширување на владата и за тврдењата на партиските функционери, дека за ова прашање се консултирале со меѓународната заедница, од американската амбасада кусо одговорија дека „ Амбасадорката Агелер постојано има средби со претставници на политички партии“.
ВМРО, која во континуитет бара избори и подготвува предлог за недоверба на владата, јавно бара Таравари да каже кој е тој меѓународен фактор, кој бара Алијансата да стане дел од Владата.
Од АА велат дека се подготвени за предвремени избори, во секое време, но гледајќи ја сложеноста на регионалните случувања, како и во минатото, така и сега, одлуките се носат врз основа на државни, општествени и геостратешки интереси и во согласност со ставовите на стратешките партнери. Таравари во последното интервју за Алсат изјави дека конечната одлука треба да ја донесе членството преку референдумското изјаснување.
“Ако има понуда што треба да ја разгледаме, тогаш секој член на Алијансата треба да биде одлучувач и ова ќе го организиравме како референдум во партијата“, рече Арбен Таравари, Претседател на Алијансата за Албанците.
Албанските партии како ДУИ, Алтернатива, пратеникот Кастриот Реџепи, а сега и Алијанса, за секоја одлука што ја донесоа дали за учество во владата, или за други прашања, се повикуваа на меѓународниот фактор или како што умеат да кажат со нивните европски и американските пријатели./Алсат.мк
Исуф Кадриу