ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

ЕУ ќе објави препораки за Судскиот совет

Евроамбасадорот Дејвид Гир порача дека владеењето на правото е во центарот на процесот на проширувањето на Европската Унија. Според него, институциите во земјава мора многу повеќе да работат и претстои уште долг пат во оваа насока. Гир вели дека генерално има подобрување во владеењето на правото, но сепак постојат примери од изминатиов период кои покренуваат загриженост. Во овој контекст тој ја посочи работата на Судскиот совет и најави дека наскоро Европската Комисија ќе излезе со препораки за ова тело.

„Што се однесува до судството и обвинителството, реформите во оваа област мора да се во линија со ЕУ-стандардите и да се спроведат без одложување. За ова се делумно одговорни Владата и Парламентот, но и одговорност е на судиите и обвинителите, како и нивните Совети. Промените мора да дојдат од внатре, а политичките партии и бизнисите мора да престанат да се мешаат во работата на судиите и обвинителите“, рече Гир.

Гир сподели критики и за усвоените измени на Кривичниот законик. Евроамбасадорот вели дека тие можат да ја зголемат неказнивоста. Воедно, како што тој додаде и употребата на европското знаменце била несоодветна. Според него, земјава мора да забрза во исполнувањето на критериумите поврзани со владеењето на правото, најавувајќи го новиот проект на ЕУ во земјава во оваа област.

„Проектот ќе зависи од посветеноста на сите засегнати институции и на надлежните власти за одлучно да се продолжи на патот за владеењето на правото. Ова е најважно заради граѓаните, но е и суштински дел за земјата да продолжи на европскиот пат и на тој пат нема кратенки и компромиси“, додаде Гир.

Гир додаде и дека реформите се потребни заради граѓаните, но и самата ЕУ има кредибилитет тоа да го побара од своја земја-кандидат. Евроамбасадарот оцени дека сепак споменатите настани од последните недели и месеци ја ставаат под прашалник посветеноста кон реформите.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button