ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

ЕУ-комесарот Вархеји во Скопје, се прават напори за преговори од јуни

Не споделувајќи какви пораки ќе упати до македонските државници, еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји пристигна во официјална посета на Скопје. Но, како што стигна, така и замина. Без коментар за медиумите.

Advertisements

Сепак, Вархеји на Твитер, по средбата со премиерот Димитар Ковачевски истакна дека продолжуваат напорите за започнување на пристапните преговори пред крајот на француското евро-претседателство, кое инаку завршува на крајот на јуни. Според него, време за губење нема и процедурите мора да се забрзаат.

На средбата Ковачевски-Вархеји било заклучено дека деблокада на евроинтеграциите е неопходна веднаш, соопштија од Владата.

„Постои согласност дека сега е моментот за деблокада на евроинтеграциите на Република Северна Македонија, што во спротивно може да остане уште долг период отворено прашање, а тоа не е од полза на ниту една страна“, наведоа во Владата.

Еврокомесарот се сретна и со вицепремиерот европски прашања Бојан Маричиќ, кој нагласил дека постојаното одлагање на добивање датум за почеток на преговорите, се одразува на домашната политика и го зголемува евроскептицизмот.

Инаку, Вархеји во Скопје пристигна од Софија, каде вчера порача дека ќе вложи напори пристапните преговори со Брисел да започнат до јуни. Еврокомесарот се сретна со бугарскиот премиер Кирил Петков, кој пак, ја повторил желбата за изнаоѓање заеднички прифатливо решение за отворените политички прашања, особено за темите кои се чувствителни за Бугарија. Од друга страна, претседателот Румен Радев пред еврокомесарот изразил очекување Македонија активно да се посвети на решавањето на отворените прашања, како и да ги исполнува Копенхашките критериуми за членство во Унијата.

По Вархеји, утре во Скопје пристигнува и Карен Донфрид, американскиот помошник-државен секретар за европски прашања, која се очекува да ја повтори силната поддршка од САД за започнување на преговорите за членство во Унијата.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button