ЕУ министри го охрабруваат ВМРО да гласа за промена на Уставот

Нови засилени дипломатски напори за убедување на опозицијата и нејзините пратеници да гласаат за уставните измени. По барање на високиот претставник на ЕУ за надворешна политика, Џозеф Борел, во Скопје престојуваат тројца министри за надворешни работи. Шаленберг од Австрија, Липавски од Чешка и Влаховски од Словачка. Тие се сретнаа и со шефот на опозицијата Христијан Мицкоски, со пратеничките групи, со спикерот Џафери и претседателот Пендаровски.
„Немаме време за губење. Мора да продолжиме со соодветните и неопходни уставни процедури за конечно да започне преговарачкиот процес. Со пролонгирање на уставните измени, напредокот на Македонија само ќе се одложи“, рече Шаленберг.
„Дојдовме да ги охрабриме сите политички актери да ги преземат сите неопходни чекори во оваа насока. НАТО е гаранција за безбедноста, а ЕУ е гаранција за просперитет и напредок“, рече Јан Липавски, министер за надворешни работи на Чешката Република.
„Ова е моментот да се заврши потребната домашна задача за што побрзо да се продолжи во преговарачкиот процес“, рече Мирослав Влаховски, министер за надворешни работи на Словачка.
Власта најави дека предлог-амандманите за промена на Уставот за две недели ќе бидат доставени до Собранието. Од Илинденска се надеваат дека кога пратениците ќе ја видат нивната содржина, ќе имаат појасна слика дека овој процес, кој сега министерот за надворешни работи Бујар Османи го нарекува само „дополнување“ на Уставот е само технички. Османи вели дека никој, па ниту опозицијата нема да може да ја смени преговарачката рамка со ЕУ.
„Посетата на високите претставници со мандат од ЕУ, според мене, има за цел да покаже дека ЕУ стои зад овој договор, дека не би можеле да имаме подобар договор, дека никој не може да го промени тој договор, т.е никој во иднина не може да ја промени преговарачка рамка. Така што, секое ветување од било кој дека ќе може да смени макар и една запирка од преговарачката рамка е лажен аргумент што ние сме тука да го одбиеме“, рече Османи.
Пред средбата со европската тројка, Мицкоски рече дека би бил разочаран доколку министрите му зборуваат само за уставните измени затоа што ВМРО нема да го сменува ставот и очекува предвремени избори.
Нацрт-амандманите за промена на Уставот и вклучување на Бугарите и делови од други народи во Уставот се веќе подолго време готови, но Владата се двоуми дали и кога да ги стави на дневен ред и да ги прати во Собранието.
Фатлуме Дервиши