„ЕУ Обсервер“: Членки на ЕУ со години ставаат препреки на проширувањето

Можеби изгледа трауматично, но никој не може да тврди дека бугарското вето за старт на разговорите за членство на Северна Македонија во ЕУ претставува изненадување, бидејќи таквиот став на Бугарија беше познат уште од крајот на август, се наведува во анализа на „ЕУ Обсервер“.
– Но, Германија, претседавачот на ЕУ во заминување, покажа малку чувство на итност. Берлин мислеше дека неговата моќна канцеларка Ангела Меркел ќе обебзеди договор во последен момент, како што го стори тоа, на пример, за буџетот на ЕУ и за климатските цели, наведува порталот.
Сепак, според авторот на анализата, Ернест Бунгури, кога станува збор за политичка и психолошка комплексност, Западен Балкан е „посебна лига“, каде идентитетот и јазикот се уште поттикнуваат тензии на ист начин како што тоа беше случај во цела Европа по Втората светска војна, кога започна проектот на ЕУ.
– Да бидеме искрени, ако случајот Бугарија-Северна Македонија беше единствениот проблем, тој веројатно ќе беше решен досега. Но, всушност, Франција и другите држави на ЕУ, како Данска, Холандија и Шпанија, со години ставаат пречки на патот на проширувањето. На хартија, процесот на пристапување во ЕУ има свои „Копенхашки критериуми“, кои велат дека кандидатите за членство треба да ги решат своите проблеми пред да влезат (во Унијата). Но, во реалноста, националните избори, па дури и личните амбиции на некои лидери од ЕУ, станаа услов за проширување на блокот, наведува порталот.