ЕУ со критики за економијата

Необезбедена стабилизација на јавниот долг, високо ниво на сива економија, запрени реформи на даночниот и пензискиот систем. Ова се главните критики кои за македонската економија пристигнаа од Брисел. Во годишниот извештај на Европската комисија критка има и за ниското ниво на реализација на капиталните инвестиции, вработувањето во администрацијата, и нестручната работна сила која е еден од клучните проблеми на стопанството кој резултира со намалена продуктивност на трудот и конкурентност на економијата.
„Јавните капитални инвестиции остана на значително ниско ниво, а стабилизацијата на јавниот долг сè уште не е обезбедена. Пред кризата со КОВИД-19, стапките на невработеност дополнително се намалија, исто така и кај младите, а неформалното вработување благо опадна. Влијанието на кризата со КОВИД-19 веројатно ќе ги сврти тие позитивни трендови“, се наведува во Извештајот од Европската комисија.
Од девет милијарди евра од Европската Унија наменети за земјите од Западен Балкан, премиерот Заев денеска не знаеше конкретно да каже колку пари ќе ѝ припаднат на Македонија. Искористеноста ќе зависи од капацитетот на проектите со кои земјава ќе аплицира.
„Тоа се автопатиштата, железницата, гасната мрежа, гасните станици, сите други енергетски проекти, прочистителната станица на градот Скопје“, рече премиерот Заев.
Експертската јавност од земјава веќе изрази загриженост околу состојбата со јавниот долг. Нивната загриженост е дека минусот во државната каса ќе доведе до дополнителна стагнација на економијата. Нивните совети до Владата се под итно да се направи стратегија како ќе се трошат државните пари.
„Ако немаме доволна економска активност, ние не можеме да генерираме доволно ниво на јавни приходи за во иднина безболно да се врати овој долг“, рече Борче Треновски универзитетски професор.
Во следната 2021 година земјава треба да врати долгови во висина од 710 милиони евра. Тоа според експертите, значи дека државата во следниот период ќе функционира само за да ги отплаќа кредитите, наместо да вложува во развој на општеството.
Иле Петревски