
Претставници на полското претседателство со Советот на ЕУ и на Европскиот парламент постигнаа договор околу Предлог-регулативата за управување со границите, со што ќе им се овозможи на земјите членки постепено да почнат да го воведуваат дигиталниот Систем за контрола на влез и излез (ЕЕС) на надворешните граници на Шенген зоната.
– Благодарение на овој договор, земјите членки ќе можат да го користат новиот систем за управување со границите со регистрација на влезот и излезот во Шенген зоната на државјани кои не се членки на ЕУ. Ова е добра вест и ќе ги поддржи нашите напори да ги одржиме нашите граници безбедни, изјави полски министер за внатрешни работи и администрација Томаш Сиемонијак.
Претставничката на ЕП, белгиската европратеничка Асита Канко оцени ЕЕС системот претставува важен чекор кон обезбедување на надворешните граници на ЕУ и ќе им овозможи на патници кои легално влегуваат во Шенген зоната да не се соочуваат со непотребни пречки.
– Работевме на новото законодавство со максимална брзина и обезбедивме пореален распоред за започнување на ЕЕС, за да се овозможи системот да се воспостави што е можно поскоро. Сега ги повикуваме земји членки да ги завршат своите подготовки и да потврдат дека се подготвени, за да може сериозно да започне воведувањето на ЕЕС, рече Канко.
ЕЕС е систем кој дигитално ќе ги евидентира секој влез и излез во Шенген зоната на граѓаните на трети земји на кои не им се потребни визи за краток престој до 90 дена во ЕУ, вклучително и на македонските државјани.
Според овој нов систем, граничните службеници ќе ги скенираат отпечатоците од прсти на лицата кои ја преминуваат границата за прв пат, ќе ги фотографираат и ќе ги евидентираат нивни податоци од пасошот. Овие информации ќе се чуваат во дигитална датотека, што ќе овозможи точно да се знае кој кога влегол во Шенген зоната со странски пасош и кој евентуално останува подолго од дозволените 90 дена.
– Благодарение на овој систем, земјите од ЕУ во реално време ќе имаат пристап до личните податоци на државјаните на трети земји, историјата на патувања и информациите за тоа дали тие се придржуваат до одобрениот период на престој во Шенген зоната. Како резултат на тоа, ЕЕС значително ќе ја намали веројатноста за измама со идентитет и пречекорување на дозволениот престој, информира Советот на ЕУ.