ВЕСТИЕКОНОМИЈА

ЕУ за Македонија: Населението ќе старее, млади се иселуваат

Јавниот долг и буџетскиот дефицит на земјава и во следните години ќе продолжат да растат поради владините најави за зголемено буџетско трошење. Иако економијата во Македонија почнува да закрепнува од кризата со пандемијата, загрижува управувањето со јавните финансии, предупредија од Европската комисија во последните есенски проекции. Според извештајот кој беше претставен денеска, Владата има амбициозен план за капитални инвестиции иако низ годините наназад, реализацијата потфрлала.

Advertisements

,„Владата планира да го намали фискалниот дефицит до 2023 година на 3,5 проценти, но ние сметаме дека начинот на коишто се очекува тоа да се постигне е доста нејасен, особено со најавите за зголемено јавно инвестирање од буџетски средства. Во минатите години се утврди дека Владата тешко успева да ги реализира капиталните инвестиции на пример инфраструктурни проекти и слично затоа сме доста критички настроени во тој поглед“, рече Френк Јанмаат- Шеф на економскиот оддел во Делегацијата на ЕУ.

Европската комисија констатира и нешто друго. Македонија се соочува со општо стареење на населението. Во следните две години ќе има поголем број на пензионирани граѓани и одлив на млади во странство. Тоа делумно ќе влијае врз намалувањето на невработеноста на 14,6 проценти во 2023 година.

„Главниот предизвик ќе биде како да се мотивираат луѓето повторно да излезат на пазарот, особено жените каде што стапката на учество е многу мала. Би помогнале активни мерки од страна на Владата, а треба и да се реши јазот од потребата на компаниите од една страна и понудата што ја даваат образовните институции“, додава Јанмаат.

Според Европската комисија, економијата во земјава годинава ќе бележи раст од 4 насто, а инфлацијата 3,3 или за 0,2 проценти повисока од прогнозата на Народната банка. Цените на храната и енергенсите се очекува да се вратат на истото ниво на почеток на следната година.

Андреа Чобанова

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button