Еве ја пресудата на Управниот суд за Весна Дамева од Судскиот совет

Алсат ексклузивно ја дознава содржината на образложението од пресудата на Управниот суд, со која Весна Дамева треба да се врати на функцијата претседател на Судскиот совет. Во пресудата која денеска ја доби Судскиот совет, стои дека одлуката за разрешување на Дамева не е оправдана и е нејасна.
„Во конкретниот случај, судот утврди дека образложението на оспорената одлука е нејасно, односно Советот не дал никаква причина врз основа на која го разрешува тужителот од должност, не ги презентирал доказите врз кои е утврдена фактичката состојба, ниту ги потврдил фактите врз кои е донесена таквата одлука. Имено, во образложението на оспорената одлука, Советот само напоменал дека со мнозинство гласови од членовите со право на глас, изгласана е недоверба за тужител (Весна Дамева) од позицијата претседател.“
Судот одлучи дека членот врз кој се повикува Судскиот совет и врз кој ја засновал одлуката за разрешување, го регулира само функционирањето на овој орган, но не и постапките за разрешување, поточно одговорноста и недовербата на претседателот на Советот.
„Не беа споменати ниту причините врз кои се земени во предвид образложенијата, предлозите и наодите на тужителката (Весна Дамева), ниту правниот основ врз кој е спроведена постапката, за тоа дека одлуката се повикува во член 38 од Законот за Судски совет, одредба со која само се уредува работата на Судскиот совет.“
Утре содржината на пресудата и текот на сите процедури ќе бидат разгледани на судскиот колегиум, а најдоцна за 30 дена треба да се преземат активности за нејзино спроведување. Како што претходно беше најавено, ниту една странка нема право на жалба против одлуката на Управниот суд. Таа само треба да се спроведе.
Весна Дамева беше разрешена од функцијата претседателка на Судскиот совет на 26 април минатата година преку спорно гласање со 7 гласови „за“, на седница со која претседаваше потпретседателот Селим Адеми, иако Дамева беше присутна во салата. Причина за нејзиното разрешување беше тоа што членовите кои гласаа „за“, добиле писмо од амбасадорката Агелер кое, според нив, Дамева го криела од Советот.
Адриан Керими