Еве со кои пари Владата ќе ги плаќа анти-кризните мерки

За очекување е дека најавените антикризни мерки евентуално ќе ја ублажат состојбата кај граѓаните и фирмите, но клучното прашање во јавноста е од каде ќе се обезбедат пари за нивна реализација? Опозицијата смета дека најбрзо што може владата да направи е ребаланс на буџетот бидејќи итно се потребни пари за граѓаните и компаниите. Од ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека сега не е време за ново задолжување, бидејќи нема да биде лесно да се добие поволна кредитна стапка. Дополнително на тоа, нивото на задолженост на Македонија е на загрижувачко ниво, односно веќе се надминати 60 отсто од Бруто домашниот производ.
„Во однос на ребалансот на буџетот тука немам дилема. Тука има простор да се крати. Па, погледнете повторно стоки и услуги колкава е предвидена ставката. Зошто? За и понатаму да има корупција и криминал. Нека ги скратат и нека им се даде на граѓаните, нека се скрати буџетот. Има простор“, изјави Гордана Димитриеска Кочоска, ВМРО-ДПМНЕ
Но, од власта веќе подготвуваат ново сериозно задолжување. Според министерот за финансии, ќе се издава нова еврообврзница која најмалку ќе тежи половина милијарда евра.
„Во однос на еврообврзницата, веќе се прават сите подготовки како и минатата година. Да се согледа најповолниот период, а тоа би било кога евентуално би се задолжувале. И тоа не е единственото прашање во однос на финансирањето на буџетот. Во буџетот има доволна ликвидност“, рече Фатмир Бесими министер за финансии
Освен со пари од задолжување, дел од мерките на Владата ќе се финансираат со директни пари од државната каса. Првичните проценки се дека сетот мерки ќе чини над 400 милиони евра. Овие пари со сигурност може да се каже дека не беа предвидени во ноември и декември кога се кроеше буџетот за годинава. /Алсат.мк
Иле Петревски