ЕВН: Слупчане и Оризаре без напојување со електрична енергија, решени останатите дефекти

Селата Слупчане и Оризари во општина Липково се уште се без напојување со електрична енергија, соопштија денеска од ЕВН. Од компанијата велат дека се додека не се создадат нормални услови за работа и се загарантира сигурноста на вработените на Електродистрибуција, нема да работат на санација на дефекти или да извршуваат редовни работни активности во овие села.
Како што велат, екипите на Електродистрибуција работеа цела ноќ на санација на дефекти при што е нормализирано снабдувањето со електрична енергија на селата Ваксинце, Алешевце, Руница, Извор и Белановце.
–Во текот на ноќта беше предизвикан нов дефект, исто така од мештаните на Слупчане, кој ги остави без струја селата Матејче, Виштица и Никуштак. Овој дефект е саниран и снабдувањето е нормализирано и во овие села. Дефектот на граничниот премин Табановце беше саниран вчера за кратко време, велат од компанијата.