ВЕСТИМАКЕДОНИЈАРЕГИОН

Европејците се отворени за членство на Украина во ЕУ, но не и за Западен Балкан

Европејците се отворени за пристапување на Украина во ЕУ, но се скептични за приемот на државите од Западен Балкан, Грузија и Турција, покажува истражувањето спроведено во шест земји членки на ЕУ пред овонеделниот Самитот на Унијата на кој ќе се расправа за проширувањето, пренесува британски „Гардијан“.

Advertisements

Европејците генерално се отворени за идејата Украина да се приклучи на ЕУ, и покрај трошоците и ризиците, но во најдобар случај се млаки во врска со потенцијалното проширување на блокот со Грузија и земјите од Западен Балкан.

Европската комисија минатиот месец препорача да започнат пристапните преговори со Украина и Молдавија, а 27-те шефови на држави и влади на ЕУ треба да разговараат за тоа на самитот во Брисел оваа недела – иако унгарскиот премиер Виктор Орбан постојано кажува дека се противи на отворање преговорите со Киев.

Анкетата во шест земји-членки на ЕУ спроведена на барање на Европскиот совет за надворешни односи (ЕЦФР), покажа значителна поддршка за кандидатурите на Украина и, во помала мера, на Молдавија и Црна Гора, но и длабоки економски и безбедносни грижи.

Има широко спротивставување особено за пристапувањето на Турција, како и значително ладен одговор на изгледите Албанија, Северна Македонија, Србија, Босна и Хрцеговина, Грузија и Косово да се приклучат на Унијата.

Анкетата покажа дека поддршката за влезот на Украина е највисока во Данска (50%) и Полска (47%). Поделено мислење има во Романија (32% за, 29% против), во Германија (37% за, 39% против) и во Франција (29% за, 35% против). Најмала поддршка за Украина во ЕУ има во Австрија каде што 52 отсто од анкетираните се против.

Истражувањето покажа и силно противење на можноста Турција да се приклучи на ЕУ. Над 50 отсто од анкетираните во шесте земји се противат на идејата Анкара да стане членка.

Европејците, исто така, покажуваат студен однос и кон приемот на Албанија, Северна Македонија, Србија, Босна и Хрцеговина, Грузија и Косово. Поддршката за нивно членство во ЕУ е помала од 30%.

Најмала е за Косово (20% се за, а 37% против, Албанија (24% за, 35% против), Србија (25% за, 35% против) и Грузија ( 25% за, 31% против).

Мислењето е порамномерно поделено за Северна Македонија (26% за, 27% против), за Босна и Херцеговина (28% за, 29% против), за Молдавија (30% за, 28% против) и за Црна Гора (30% за и 25% против) приклучување кон ЕУ.

Извор: Guardian

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button